Заменик генералниот директор на МААЕ следната недела ќе го посети Иран

Седиштето на МААЕ во Виена.

Заменик генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија(МААЕ), Масимо Апаро следната недела ќе отпатува за Иран, изјави денеска иранскиот претставник во ова тело на ОН со седиште во Виена.

Иранскиот претставник Казем Гарибабади вели дека посетата на Апаро е во согласност со рутинските активности за заштита и во рамките на сеопфатниот договор за заштитни мерки.

„Иако сме во постојан контакт со Агенцијата, не се планирани разговори со него во Техеран“, додаде Гарибабади.

Европски дипломатски извор за АФП ја потврди посетата и додаде дека целта е да се посети објектот Натанз за збогатување на ураниум и да провери дали инспекторите имаат пристап до местото каде се центрифугите што се користат за збогатување на ураниум.

Иран, наводно, го ограничил пристапот на МААЕ до објектот, по експлозијата на 11 април, но пристапот треба „целосно“ да се воспостави во следните неколку дена, рече истиот извор.

Иран експлозијата ја опиша како акт на „нуклеарен тероризам“ од страна на Израел.

„Како дел од спроведувањето на безбедносните активности на Агенцијата во Иран, заменик генералниот директор Апаро редовно патува во Иран“, рече портпаролот на МААЕ, цитиран од АФП.