Ватикан обвини 9 луѓе, меѓу кои и кардинал, за коруптивен договор за недвижнини

Плоштадот Свети Петар во Ватикан, илустрација

Ватикан соопшти дека девет луѓе, меѓу кои и италијански кардинал, се обвинети изнуда, злоупотреба на службената положба и измама во врска со инвестиција во недвижности во Лондон.

Кривичниот суд на Римокатоличката црква вчера соопшти дека четворица поранешни ватикански функционери, меѓу кои и двајца од високорангираниот Државен секретаријат, ќе бидат изведени пред суд на 27 јули.

Меѓу обвинетите е и кардиналот Анџело Бечу, кого папата Франциск го разреши минатата година. Тој е највисокиот ватикански претставник обвинет за финансиски криминал.

Папата лично го одобри подигнувањето на обвинението против Бечу, кој тврдеше дека е невин за време на двегодишната истрага.

Другите обвинети во невообичаениот кривичен случај се неколку италијански бизнисмени вклучени во инвестицијата од 350 милиони евра во Лондон.

Ватиканското обвинителство соопшти дека обвинетите се товарат дека платиле милиони евра од Светата столица за такси и други загуби поврзани со други финансиски зделки.