Заев, Меркел и Кралицата

МАКЕДОНИЈА / СРБИЈА - Западен Балкан треба да продолжи со евроинтеграциите, но исто така фокусот треба да биде ставен на соработката што може да го подобри квалитетот на животот на граѓаните, рече денеска српската премиерка Ана Брнабиќ на Преспа форумот во Охрид, соопштија од српската Влада. За незапочнувањето на преговори на ЕУ со Македонија, Брнабиќ рече дека ЕУ направила преседан и дека се плаши дека може да се отвори Пандорината кутија. Таа и нејзиниот домаќин, премиерот Зоран Заев, два дена учествуваа на Преспа форумот за дијалог.

АЛБАНИА - Од следната недела вакцинацијата против ковид-19 во Албанија ќе се одвива и со теренски екипи, најави албанската министерка за здравство и социјална заштита, Огерта Манастирлиу. Тоа ќе се врши во подрачја каде граѓаните сè уште не биле вакцинирани.

САД / МАКЕДОНИЈА - Последните одлуки на ЕУ за С. Македонија и за Албанија го поткопуваат кредибилитетот на Унијата. Тоа, пак, испраќа погрешен сигнал со што се јакнат перцепциите во Западен Балкан дека ЕУ го напушта регионот, изјави денеска помошникот државен секретар на САД за Европа Филип Рикер. Тој одржа заедничка прес конференција со премиерот Зоран Заев во рамките на Преспа форумот.

ЛИТВАНИЈА / БЕЛОРУСИЈА - Во Литванија продолжуваат да доаѓаат мигранти преку нејзината граница со Белорусија, велат литванските власти и додаваат дека Минск намерно го прави тоа како одмазда за западните санкции. Западот воведе санкции против белорускиот лидер Aлександар Лукашенко за начинот на кој се справува со продемократските активисти и опозициските политичари.

МАКЕДОНИЈА - Името на некогашниот градоначалник на Скопје, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски, повторно е во игра за прв човек на главниот град.

РОМАНИЈА - Најмалку едно лице загина, а пет се повредени во експлозијата во романската рафинеријата Петромидија која се наоѓа на Црното Море, соопштија тамошните власти.

СЛОВЕНИЈА - Словенија која од први јули го презема претседателството со Европската унија ќе организира ЕУ самит на шести октомври на кој ќе се дискутира за односите со Кина и за давање нов живот на врските со шесте балкански земји кои се надеваат дека ќе станат дел од блокот, рече денеска словенечкиот премиер Јанез Јанша, а пренесува агенцијата Ројтерс.

РУСИЈА - Црн пазар на лажни вакцинални сертификати и негативни ковид тестови се појави во Русија додека земјата се бори со новиот бран на заразени со коронавирусот и рекорден број на починати. Властите во Москва денеска соопштија дека е приведен 33 годишен маж осомничен за продавање на лажни коронавирус сертификати на московјани додека полицијата во Санкт Петербург соопшти дека спровеле три истраги за поединци кои продавале лажни сертификати и ковид тестови во градот и околината.

ГРЦИЈА - Граничните премини Богородица и Дојран на македонско грчката граница функционираат нормално. Покрај најфреквентниот премин Богордица, кој работи без прекин, од синоќа од 22 часот официјално е отворен и граничниот премин Дојран за секаков вид на сообраќај, потврдија денеска од граничните дежурни служби.

ИЗРАЕЛ - Израелски воени авиони во текот на ноќта извршија напад на постројка за производство на оружје на Хамас во Газа, откако претходно во Израел беа пуштени запаливи балони. Засега нема информации за последиците од израелскиот напад. Ова е трета рунда воздушни напади од Израел во Газа по крајот на 11 дневниот конфликт со раководството на Хамас минатиот месец.

ШВЕДСКА - Шведскиот премиер Стефан Левен, на кого му беше изгласана недоверба во парламентот доби мандат да се обиде да формира нова влада, бидејќи лидерот на опозициската Умерена партија Улф Кристерсон кој пред два дена ја доби истата задача, рече дека не успеал да обезбеди мнозинство. Претседателот на парламентот Андреас Норлен рече дека Левен треба да одговори до понеделник дали може да обезбеди мнозинство за формирање влада во собранието од 349 члена.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британската кралица Елизабета Втора денеска ќе ја прими германската канцеларка Ангела Меркел во замокот Виндзор, на околу 40 километри од Лондон, соопшти Бакингемската палата. Средбата меѓу британската кралица и германската канцеларка, која го напушта своето место по парламентарните избори во септември, ќе се одржи во попладневните часови, се додава во соопштението. Тие се сретнаа во средината на јуни за време на самитот на лидерите на Г7 во Корнвол на југот на Англија.