БИХ, Црна Гора и Косово на ЕУ листата на безбедни ковид држави

илустрација, граничен премин

Португалија, земјата претседавач со Европската Унија состави нов список на потенцијални безбедни земји за КОВИД-19, кој ги вклучува Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, дознава РСЕ од дипломатски извори.

Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ го одобриле списокот и оваа одлука ќе стапи на сила до крајот на оваа недела, што значи дека граѓаните на овие земји, вклучително и оние кои не биле вакцинирани, можат да патуваат во земјите-членки на ЕУ.

Постојаните претставници на земјите-членки на Европската унија на состанок го разгледаа најновиот предлог список на кој, покрај земјите од Западен Балкан, се наоѓаат и Канада, Молдавија, Ерменија, Азербејџан, Јордан, Саудиска Арабија, Катар и Обединети Арапски Емирати (ОАЕ).

ЕУ ги ажурира списоците на секои две недели во согласност со епидемиолошката состојба во секоја држава поединечно. На претходниот состанок одржан на 18 јуни, Србија, Северна Македонија и Албанија беа додадени на списокот на безбедни земји.

ЕУ во мај донесе т.н. „сопирачка за итни случаи“, механизам со кој може итно да се активира забрана за патување за одредени земји ако има брзо влошување на епидемиолошките состојби во тие земји. За една земја да добие статус на безбедна, во неа треба да бидат регистрирани максимум 75 позитивни случаи на коронавирус на 100 илјади жители во последните 14 дена.