Отворена првата израелска амбасада во Персискиот Залив

Израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид во посета на Абу Даби

Израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид ја отвори првата израелска амбасада во Персискиот Залив за време на посетата на Обединетите Арапски Емирати, по нормализирањето на односите меѓу двете земји минатата година.

„Отворање на Израелската амбасада во Абу Даби со емиратскиот министер за култура и млади“, напиша денеска Лапид на Твитер, објавувајќи фотографија како тој и министерот Нура ал-Кааби свечено сечат сино-бела лента со боите на израелското знаме.

Шефот на израелската дипломатија Лапид во прва официјална посета на ОАЕ

Новоименуваниот Лапид е највисокиот израелески функционер што ги посетил Емиратите и прв што допатувал таму во официјална посета.

„Израел сака мир со своите соседи. Со сите соседи. Ние не одиме никаде. Блискиот Исток е нашиот дом. Ние сме тука да останеме. Ги повикуваме сите земји во регионот да го признаат тоа. И да дојдат да разговараме“, рече Лапид за време на церемонијата.

Израел и ОАЕ потпишаа неколку договори, од туризам до авијација и финансиски услуги, по договорот за нормализација од август кој беше постигнат со посредство на Вашингтон.