Филипче: Следната недела ќе се забрза вакцинацијата

Министерот за здравство, Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче денеска порача дека благодарение на денешната пратка на вакцини, веќе во текот на наредната недела значително ќе се забрза процесот на вакцинација на територијата на целата држава, напиша попладнево.

„Благодарност до кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо и на пријателската Кина, со чијашто помош успеавме да ги обезбедиме овие вакцини и денеска да ги добиеме во нашата држава“, наведува Филипче на Фејсбук.

Во земјава со два авиони денеска пристигнаа 500.000 вакцини од кинескиот производител „Синовак“. Тие, како што соопшти Министерството за здравство, ќе бидат соодветно складирани во Поликлиниката „Јане Сандански“ и на Институтот за судска медицина по што ќе бидат дистрибуирани до пунктовите низ државата согласно закажаните термини за вакцинација.

Со 500-те илјади вакцини од „Синовак“ и со 100.620 дози од вакцините „Фајзер“ набавени преку Ковакс системот, од утре почнува вакцинацијата на лицата кои изразиле желба да се вакцинираат. Министерството за здравство најави дека до 15 јули ќе бидат вакцинирани сите граѓани кои се пријавени преку веб-платформата vakcinacija.mk, а досега не добиле термин.