Во заседа убиени петмина пакистански војници

Архива - ПАКИСТАН: безбедносни служби реагираат по напад во провинцијата Балoчистан.

Пакистанската армија соопшти дека пет припадници на паравоениот Граничен корпус се убиени во заседа во нестабилната југозападна провинција Балучистан.

Неидентификувани вооружени лица на 24 јуни го извршиле нападот во областа Санган, кога безбедносните сили биле во редовна патрола, соопшти крилото за медиуми на армијата.

Четворица припадници на Граничниот корпус се убиени на самото место, додека другиот починал во болница.

Засега ниту една група не презеде одговорност за нападот, но пакистанските талибанци ги засилија нападите насочени кон безбедносните сили во регионот, откако американските трупи започнаа да се повлекуваат од соседен Авганистан.

Балучистан е најголемата пакистанска покраина каде има најмногу насилство. Таа се граничи со Авганистан и Иран и е загрозена од исламистички милитанти, секташки групи и суб-националистички бунтовници.

Во последните неколку месеци се случија бројни напади врз пакистанските безбедносни сили во Балучистан.