Британија демантира дека Русија пукала кон нивни брод во Црното море

Британскиот ХМС Дефендер во црноморското пристаниште во Одеса, 18.06.2021

Обединетото кралство ги негираше извештаите дека руски брод предупредувачки пукал кон брод на британската воена морнарица во Црното море, наведувајќи дека инцидентот е дел од претходно најавена воена вежба.

Руските медиуми денеска јавија дека руската војска пукала предупредувачки кон британски воен брод во близина на украинскиот полуостров Крим, кој Русија нелегално го анектираше во 2014 година.

"Веруваме дека Русите спроведувале вежба на гаѓање во Црното Море и ја предупредија поморската заедница на своите активности. Ниеден истрел не бил насочен кон ХМС Дифендер и не ги признаваме тврдењата дека бомби биле фрлени на неговата рута “, се наведува во соопштението на британското министерство за надворешни работи.

Руската државна агенција ТАСС јави дека до инцидентот дошло откако ХМС Дефендерот на британската морнарица наводно преминал три километри во територијата на Црното море кое Русија ја смета за своја. Во инцидентот не е предизвикана штета.

Москва го анексираше Крим во 2014 година и им дава поддршка на проруските сепаратисти во источниот украински регион Донбас каде што повеќе од 13 200 луѓе загинаа од почетокот на конфликтот до денес. Западните земји воспоставија санкции кон Русија поради анексијата на Крим, односот кон затворениот опозициски руски активист Алексеј Навални, изборните мешања и сајбер напади врз американската инфраструктура.