Заев: Ќе ја искористиме желбата за разговори со Бугарија

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев во пресрет на утрешната посета на Софија изјави дека
за македонскиот јазик и идентитет не се разговара и тоа воопшто не е на маса. Според него, се разговара за португалскиот предлог кој води грижа за македонски јазик и македонски идентитет и истовремено води грижа и за бугарските позиции. Тој додава и дека португалскиот предлог е навистина инвентивно и креативно решение за кое што вреди да се потрудат.

За утрешната посета на Софија тој кажа дека е должен прво на граѓаните да им ги каже своите лични очекувања, бидејќи не сака ниту за себе ниту за народот да ги зголемува очекувањата од тоа што е реално.

„Зошто е реално? Заради тоа што во Бугарија нема ниту Парламент, ниту има политичка влада. Фала богу има желба за разговор и затоа ќе ја искористиме таа желба за разговори од страна на бугарската влада и ние ќе ја направиме утре посетата Бугарија каде што ќе се видиме и со лидершипот на повеќе политички партии, најголемите… Се надевам тие ќе го прифатат тоа, а ќе се видиме со премиерот и со претседателот на државата и сите важни носители на одговорните функции“, рече Заев.

Според него, двете страни сметаат дека португалскиот предлог е добра основа за постигнување на решение.

„Ова треба да го искористиме. Ако се постигне решение супер, ако не се постигне сигурно ќе е позитивен исчекор кон изнаоѓање на решение веднаш штом ќе се формира политичката влада,“ оцени премиерот Заев.

Првата шанса за датум за меѓувладина конференција е на 22 јуни односно 24 и 25 јуни кога се одржува Европскиот совет. На 6 октомври, посочи Заев, е закажан Европски совет за Западен Балкан во Словенија за време на словенечкото претседателство, што е следна шанса за земјата.

Заев, придружуван од заменик претседателот на Владата, Никола Димитров и од министерот за надворешни работи Бујар Османи на утре ќе остварат работна посета на Софија. Според соопштението на владината прес-служба, целта на посетата е интензивирање на напорите за наоѓање решенија за отворените прашања и за деблокада на европската интеграција на Северна Македонија.

Премиерот и владината делегација, според соопштението, ќе остварат работни средби со Претседателот на Бугарија, Румен Радев, со премиерот на Бугарија Стефан Јанев, како и со претставници на поголемите политички партии во земјата.