Достапни линкови

Пред посетата на Заев, бугарската влада одлучи да не ја менува позицијата


Премиерот Зоран Заев на средба со претседателот на Бугарија, Румен Радев по завршувањето на Самитот на НАТО во Брисел.
Премиерот Зоран Заев на средба со претседателот на Бугарија, Румен Радев по завршувањето на Самитот на НАТО во Брисел.

Македонскиот премиер Зоран Заев втор пат неделава, по средбата во Брисел се среќава со бугарскиот претседател Румен Радев, овој пат во Софија. Непосредно пред заминувањето бугарската влада соопшти дека нивната позиција останува непроменета.

Бугарската влада ја одобри државната позиција за учество на заседанието на Советот за општи работи кое ќе се одржи на 22 јуни и позицијата за преговарачката рамка за Северна Македонија е непроменета. Ова попладнево го соопшти бугарското Министерство за надворешни работи, ден пред посетата на македонскиот премиер Зоран Заев и владини министри на Софија.

Заев, придружуван од министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот Никола Димитров утре во бугарскиот главен град ќе разговараат со службениот министер Стефан Јанев, претседателот Румен Радев и претставници на политичките партии за можноста Софија да ја деблокира македонската евроинтеграција.

Детално позицијата на бугарската влада за самитот идната недела во однос на Македонија е следнава:

„Во делот на политиката за проширување на Европската унија и европската перпсектива на Република Северна Македонија во прифатената од владата позиција се посочува дека Бугарија се придржува до Декларацијата на Народното собрание од 10 октомври 2019 година и до Рамковната позиција за европската перспектива на Република Северна Македонија прифатена од Владата на 9 октомври 2019 година и позицијата на Бугарија за преговарачката рамка и одржувањето на Првата меѓувладина конференција со Република Северна Македонија останува непроменета. Преговарачката рамка за присоединувањето на Република Северна Македонија кон ЕУ треба да ги содржи неопходните гаранции во однос на исполнувањето на Договорот од 2017 година кои во моментов не ги гледаме. Не се исполнети барањата за одржување на Меѓувадината конференција“, стои во објавата на бугарското министерство за надворешни работи.

Попладнево во интервју за БНТ и премиерот Јанев отфрли таква можност наведувајќи дека не ја поддржуваат сегашната преговарачка рамка со Република Северна Македонија.

„Не мислам дека Бугарија е во ситуација да отстапи или да прави компромиси со позицијата. Не само службената влада, но и парламентот со декларацијата од 2019 година даде јасни насоки каква е бугарската национална позиција“, рече Јанев.

И Јанев и во официјалната позиција на бугарската влада се нагласува отвореноста за понатамошен дијалог.

„Бугарија останува отворена за дијалог и презема чекори за зацврствување на довербата и враќање кон прагматичен и конструктивен дијалог.

Намален оптимизам и во Скопје

И македонскиот премиер Заев претходно рече дека има чувство оти на 22 јуни, кога е Самитот на Европската унија, нема да се реши проблемот со блокадата на Бугарија на македонските европски интеграции. Но, сепак тој остави простор за решение велејќи дека не е невозможно да се дојде до него.

Опцијата да нема никаква промена, како што најави сега бугарската влада е едниот можен исход. По пристигнувањето на португалскиот предлог, кој минатиот месец во Скопје и Софија го донесоа еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантош Силва, официјална Софија побара во патоказот, кој што ,според предлогот, треба да го подготви македонската влада, да ги има и барањата од декларацијата која ја донесе бугарското собрание во 2019 година. Во таа декларација, меѓу другото, се зборува и за историски теми кои се сметаат дека допираат до македонскиот идентитет. Заев, пак, последниве недели речиси секојдневно кажува дека за македонскиот јазик и идентитет не се преговара.

Решение во фази

Во Бугарија во моментов функционира службена влада која се формираше откако изборите не донесоа можност за коалицирање, па се распишаа нови кои треба да се одржаат на 11 јули. Заев токму изборите и техничката влада ги спомена како причина поради која можно е да не се дојде до решение, но може да се заокружат дискусиите и да се чека политичка влада во Бугарија. Пред заминувањето за Софија тој кажа дека работните групи имаат напредок за патоказот набројувајќи кои теми се опфатени во него.

„Во него е утврдена секторската соработка на сите нивоа со конкретни рокови, три месеци, шест месеци, година дена и интензитетот на закажување на средби на историската комисија“, рече Заев.

Навестување дојде и од бугарскиот премиер Јанев. Тој рече дека прашањата што ќе ги разгледаат со Заев се од особена важност за двете држави, дека се надеват на практични чекори кои може да ги направат двете влади, а кои покасно ќе најдат одраз и во позицијата која што ќе биде разгледана и во бугарскиот парламент.

Симонида Кацарска од Центарот за европски политики ЕПИ вели дека и покрај договорот за можните таканаречени технички прашања, останува отворено дали тоа ќе биде доволно за Софија да ја дозволи преговарачката рамка за Македонија со Европската унија на самитот идната недела.

„Влијаението на Софија врз процесот како земја членка е најголемо во оваа фаза, пред усвојувањето на преговарачката рамка и тие тоа го проценија па бараат специфични прашања кои се однесуваат на оние потешки апсекти на спорот да влезат во преговарачката рамка. Не гледам како би можеле да направиме исчекор без договор за тие прашања“, вели Кацарска.

Постигнување конечен договор

Оваа опција е невозможна ако се земат предвид престојните избори и неполитичка влада во Софија, а и најавите од двете страни. За да се дојде до конечен договор до 22 јуни би требало да има драстично поместување или во Софија, која би се откажала од досегашните позиции поврзани со историјата и со македонскиот јазик, или во Скопје кое би прифатило разговори за идентитетските прашања.

Инаку периодов постои засилен интерес од Европската унија за наоѓање на решение за прашањето и продолжување на европските интеграции на Скопје и Тирана кои одат во пакет во унијата. Неделава, дел од јавноста како зачудувачка ја протолкува изјавата на поранешниот премиер Бојко Борисов, чија влада го блокираше македонскиот европски пат лани. Тој сега пред насобраните млади поддржувачи праша:

„Замислете си дека вие сте Македонци. И соседите, најблиските луѓе ви велат: ‘Нема да одите во Европската Унија. Нема да одите таму'. Дали ќе нѐ сакаат? И затоа се обидуваме со Зоран Заев, и со Стево Пендаровски, се разбира, да направиме така што работите ќе тргнат од долу нагоре. Да, историјата е исклучително важна. Но, оставете историчарите да си ја завршат работата“, рече Борисов.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG