МОН: Училиштата не смеат да наплаќаат за свидетелствата

Илустрација

Неколку средни училишта низ земјава наплаќаат такси за издавањето на свидетелства, соопштија денеска од Средношколскиот сојуз. Во нивното соопштение е наведено дека изминатава година го адресирале проблемот, по што дел од училиштата кои ја применувале оваа пракса ја прекинале наплатата, но проблемот продолжува да се јавува во одредени училишта.

„Средното медицинско училиште во Тетово наплаќа меѓу 150-200 денари за свидетелство, додека економското училиште во Тетово бара износ од 150 денари за издавање на свидетелството и на дипломата за крај на средното образование. За жал, овие такси не се појава само во тетовските училишта. Скопската гимназија „Зеф Љуш Марку“ наплатува од своите ученици 100 денари за свидетелството, а гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп 30 денари од ученик“, велат од Сојузот.

Министерството за образование соопшти дека училиштата не смеат да наплаќаат такси за издавање на свидетелствата и тоа им го укажале со допис уште пред крајот на учебната година.

Во реакцијата на Министерството за образование и наука беше наведено дека педагошката документација потребна за крајот на учебната година се обезбедува од Бирото за развој на образование при што секое училиште добива дополнителни 5 отсто во случај на грешки и слично.

„Потсетуваме дека согласно Уставот на Република Северна Македонија, како и член 3 од Законот за основно образование, и член 3 од Законот за средно образование, секое дете има право на бесплатно и квалитетно образование“ истакна во соопштението МОН.