За два месеци синдикалната кошничка зголемена за повеќе од 400 денари

Синдикалната кошничка за месец мај 2021 година е зголемена за 180 денари во однос на претходната за месец април 2021 година. Само за последните два месеци таа е зголемена за повеќе од 400 денари.

Ако продолжи со вакво темпо на зголемување во просек од 200 денари месечно до крајот на годинава нема да бидат доволни ни три минимални плати за покривање на основните потреби на едно четиричлено семејно домаќинство, велат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Според ССМ, вредноста на Синдикалната минимална кошница за мај 2021 година изнесува 34.156,00 денари, a минималната месечна плата изнесува 15,194 денари.

Според ССМ, зголемувањето на трошоците е неоправдано.

„Ова покажува дека неоправдано е да се зголемуваат цените, ако знаеме дека цената на нафтата е пониска од пред почетокот на пандемијата имајќи предвид дека никој од газдите кога цената го имаше најниското ниво во изминатите 10 години не ги намали цените, туку остваруваа огромни профити на грбот на работниците“, се вели во денешното соопштение од ССМ.