Денеска конечна пресуда на Хашкиот трибунал против Ратко Младиќ

Ратко Младиќ

Меѓународниот суд во Хаг денеска ќе ја донесе конечната пресуда против поранешниот командант на Армијата на Република Српска Ратко Младиќ, осуден на доживотен затвор за геноцид и злосторства против човештвото над несрпското население за време на војната во БиХ. На 22 ноември 2017 година, Хашкиот трибунал го прогласи генералот 78 годишниот Младиќ за виновен за геноцид во Сребреница; прогон на Хрватите и муслиманите низ цела БиХ; тероризирање на населението во Сараево со продолжено гранатирање и земање во заложништво на членови на УНПРОФОР. Според пресудата, Младиќ бил протагонист на сеопфатното заедничко злосторничко дело со цел трајно и насилно отстранување на муслиманите и Хрватите од голем дел од територијата на БиХ, со цел да се постигне српска доминација.

Брамерц очекува потврда на доживотната затворска казна за Младиќ

Покрај Младиќ, пресудата ги назначи и поранешниот претседател на РС, Радован Караџиќ, членови на раководството Момчило Крајишник, Билјана Плавшиќ, Никола Кољевиќ и други како учесници во тоа злосторничко здружение. Трибуналот пресуди дека српските војници, под команда на Младиќ, убиле „неколку илјади“ муслимански мажи од Сребреница и присилно преместиле десетици илјади жени, деца и стари лица во деновите по заземањето на енклавата на 11 јули 1995 година.Генералот Младиќ беше во притвор во Шевенинген од 31 мај 2011 година. Тој беше уапсен од српските власти на 26 мај истата година во Лазарево кај Зрењанин и беше испорачан на Трибуналот. Судењето на генералот Младиќ траеше од 16 мај 2012 година до 15 декември 2016 година.