Албанија го поддржува дијалогот Косово-Србија

Албанскиот претседател Илир Мета

Албанскиот претседател Илир Мета на денешната средба со спикерот на косовскиот парламент Глаук Коњуфца, ја изразил поддршката на Албанија за дијалогот Косово-Србија, за нормализирање на односите меѓу двете земји и ја истакна потребата постигнатите договори да не останат само на хартија, туку да почнат да се спроведуваат.

Коњуфца од своја страна рекол дека е „време за заедничка политика“ на Косово и Албанија.

„Досега имаме само соработка на ниво на добри соседи, но мислам дека соработката треба да се подигне на друго ниво, а тоа е соработка меѓу две земји со еден народ. Со поделени, фрагментирани гласови доживеавме само штета, и двете наши држави. Косово се соочува со напорите на Србија, кои на крај имаат за цел да го дестабилизираат Косово и да создадат српски територијален ентитет во рамки на Косово, контролиран од Белград“, изјави Коњуфца.

Овој став тој го искажал и на средбата со лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, за кого, пак, приортет останува продолжување на меѓународното признавање, членството на Косово во меѓународните институции и успешното завршување на дијалогот меѓу Косово и Србија што подразбира взаемно признавање.