СМС пораки меѓу Канчевска-Милевска и Јанакиески дел од рочиштето за „Организаторите на 27 април“

Обвинетите Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и Владимир Атанасовски на прво рочиште од судењето за 27 април

Електронска комуникација меѓу обвинетиот Миле Јанакиески и поранешната министерка за култура Елизабета Канчевска-Милевска, денеска беше презентирана на рочиштетото за случајот „Организаторите на 27 април“. Материјалните докази објавени од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го опфаќаа период од 21 февруари 2017 година.

Според интегралното читање на пораките во судницата, Јанакиески и Качевска – Милевска разговарале за тоа кои уметници и доктори да држат говори на протестите на „За заедничка Македонија“. Според доказите што ги читала обвинителката Вилма Русковска, тие се договарале Владо Јовановски, да се обрати на еден настан. Дел од барањата на Милевска кон обвинетиот Јанакиески, се и барањата за обезбедување на свирчиња и труби.

Освен електронската комуникација тие, како што произлезе од денеска презентираните докази имале средби и во седиштето на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Во една од пораките меѓу нив се вели дека „срамота е зошто докторите и професорите ги нема“.

Четири години по „27-ми април“- амнестиите ѝ пресудија на правдата

Судењето за овој случај го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Вилма Русковска.

Јанакиески бара полиграф за него и Нинџа

Во овој предмет обвинети се поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за труд и социјална политика Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директорот на УБК Владимир Атанасовски. Според обвинението тие се осомничени за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.