Во Словачка почнува вакцинацијата со Спутник V

руската вакцина Спутник V

Во Словачка за денеска е најавен стартот на вакцинацијата против ковид-19 со руската вакцина Спутник V. Словачката влада во минатата недела даде зелено светло за оваа вакцина по повеќемесечна дебата што доведе до оставка на премиерот. Словачка е втората членка на ЕУ по Унгарија што ја користи руската вакцина, што досега не е одобрена од регулаторот на лекови за ЕУ. Словачка, земја со 5,5 милиони жители, во март увезе 200.000 дози Спутник V, но оттогаш тие седеа во складиште во очекување на одобрување.

Добра наука, лош маркетинг? Погрешните чекори околу руската вакцина

Премиерот Игор Матович беше принуден да си даде оставка откако ја обезбеди првичната пратка со вакцини зад грбот на неговите коалициски партнери, што доведе до реконструкција на владата, која исто така вклучуваше и замена на министерот за здравство. Словачкиот регулатор за лекови во април одби да даде препорака дали да се користи лекот, велејќи дека нема доволно податоци. Словачка потоа побара од Унгарија да обезбеди дополнително тестирање на залихите на Словачка. Новиот министер за здравство на почетокот на овој месец рече дека дозите во Словачка ги поминале тие тестови.