Уапсен претседателот на белградската општина Палилула и функционер на владејачката СНС

Претседателот на белградската општина Палилула Александар Јовичиќ

Претседателот на белградската општина Палилула и член на претседателството на владејачката Српска напредна партија (СНС), Александар Јовичиќ, е уапсен во четвртокот вечерта. Јовичиќ и уште седум лица се уапсени под сомнение дека со незаконски дејствија овозможиле извршување на бесправни градежни работи на територијата на општина Палилула, пренесуваат белградските медиуми. Полицијата не даде изјава по овој повод, но апсењето го потврди пратеникот и член на претседателството на СНС, Владимир Ѓукановиќ.

Србија и случајот Беливук: вознемирувачки докази пред јавноста


„Да не предвидувам ништо затоа што сите се невини додека не се докаже спротивното, но имајте на ум дека за време на владата на СНС, член на претседателството на СНС беше уапсен додека ја извршуваше функцијата претседател на најголемата територијална општина во Белград“, објави Ѓукановиќ на социјалните мрежи, наведувајќи дека нема заштитени луѓе. Белградските медиуми јавуваат и дека полицијата во текот на вечерта извршила претрес во зградата на Општина Палилула.