Мицкоски-Заев и Бучковски подготвуваат ново предавство со Бугарија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека добил како што ги нарече алармантни информации од дипломатски извори за „ново предавство“ кое го подготвувале премиерот Зоран Заев и специјалниот владин претставник за односите со Бугарија Владо Бучковски.

„Бучковски во Софија, а Заев од Скопје, деновиве координираат тајни преговори каде се нуди Декларацијата усвоена од бугарскиот парламент да стане дел од преговарачката рамка со Европската Унија. Дел од документот на бугарското Собрание се оспорување на генезата и посебноста на македонскоит јазик, ревизија на историјата и периодот на нашата антифашистичка борба, како и присвојување на важни личности од македонската историја како бугарски и уште редица отстапки кои се погубни за Македонија“, напиша Мицкоски.

Инаку по пристигнувањето на предлогот за деблокадата на македонскиот европски пат кој во Скопје и Софија минатиот месец го доставија еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва, бугарскиот претседател Румен Радев рече дека очекува Скопје да подготви патоказ кој ќе ги содржи барањата од декларацијата на бугарскиот парламент.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Димитров - Едната страна на компромисот со Бугарија е да не се договориме за се

Во интервју за РСЕ емитувано во неделата вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров на прашањето дали македонскиот патоказ ќе ги содржи барањата на декларацијата на бугарското собрание донесена во 2019 година, две години по Договорот за пријателство и добрососедство рече дека сегашниот компромис општо има две страни, а едната е кога на некој начин со Бугарија ќе се договорат да не се договарат за сè.

Мицкоски вели дека Заев се колнел дека не прифаќа преговори за идентитетот и јазикот, а дека со прифаќањето бугарската декларација да биде дел од преговарачката рамка на ЕУ, директно ја ставал земјата во позиција да преговара за македонскиот идентитет и јазик. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повикувајќи се на негови информации наведува дека Заев и Бучковски планираат тоа да биде потпишано од нив, без да има расправа и усвојување на документот во Собранието.

„Не смееме да дозволиме овие двајца политички измамници да ја понижат жртвата на нашите предци и да ја загрозат иднината на нашите потомци. Затоа треба да бидеме подготвени за одбрана на македонскиот идентитет како составен дел од европските вредности, и да не дозволиме. Да бидеме подготвени за блокади и масовни протести! Нема преминување на црвените линии!“ , напиша Мицкоски.

Според португалскиот предлог, кој го објави бугарската агенција БГНЕС која тврди дека имала увид, патоказот кој што би го предложила Македонија би бил дел од процесот на Стабилизација и асоцијација, а не дел од пристапниот процес односно преговарачката рамка. Првично бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев рече дека нема промена во позицијата, но потоа формира тим за разговори со Скопје, а официјална Софија соопшти и дека го очекува бугарскиот патоказ.