Дендиас и Чавушоглу договорија средба Мицотакис- Ердоган

Никос Дендиас и Мевлут Чавушоглу, Анкара, април 2021

Продлабочување на економската соработка, взаемно признавање на сертификатите за вакцинација, но и средба Кирјакос Мицотакис и Реџеп Таип Ердоган, беа дел од темите за кои разговараа и се договорија министрите за надворешни работи на Грција и Турција Никос Дендиас и Мевлут Чавушоглу на нивната денешна средба во грчкото МНР.

Дендиас и Чавушоглу најавија дека грчкиот премиер Мицотакис и турскиот претседател Ердоган ќе се сретнат на маргините на следниот НАТО Самит на 14 јуни.

„Целосно сме свесни за различните позиции, а за доста сериозни теми и дијаметрално спротивните позиции што ги имаме ние и Турција. Целта на нашата денешна средба беше да се обидеме да воспоставиме процес на првично согласување, и ако е можно, постепено нормализирање на ситуација на подолг рок“, рече Дендиас по средбата.

Чавушоглу вели дека за решението за многуте нерешени теми треба да се бараат во почитувањето на правото и заедничките интереси.

„Ние, како Турција сакаме да можеме да ги продолжиме нашите односи со Грција, без предуслови, без услови и заедно со мојот колега, Никос Дендиас се согласивме дека ќе продолжи оваа многу позитивна соработка“, рече Чавушоглу.

Додаде дека на средбата на замениците министри од двете земји во Кавала за време на викендот, биле договорени 25 точки „преку кои ќе може да се зголеми соработка меѓу двете земји во економијата и трговијата“.