Шефот на турската дипломатија Чавушоглу во посета на Грција

Никос Дендиас и Мевлут Чавушоглу, Анкара април 2021

Министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу денеска во Атина ќе се сретне со неговиот грчки колега Никос Дендиас, а ќе биде примен и од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави МИА од Атина.

Како што соопштија од грчкото МНР минатата седмица, разговорите на шефовите на двете дипломатии ќе се фокусираат на билатералните односи, како и на регионалните и меѓународните случувања.

Дендиас и Чавушоглу вчера имаа неформална вечера во Атина, каде што шефот на турската дипломатија пристигна од областа Тракија по приватната неколкучасовна посета на градот Комотини.

Чавушоглу преку Твитер информираше за средбите говорејќи за турско малцинство, малцинство кое официјална Атина го признава како муслиманско.

Поради тоа, следеше и реакција од портпаролот на грчкото МНР Александрос Папајоану, кој рече дека Грција „ останува цврсто посветена на меѓународното право и заштитата на човековите права“ и ги спроведува обврските што произлегуваат од Лозанскиот договор, според кој во Тракија живее муслиманско малцинство и паралелно ја повика Турција да ги почитува своите обврски од овој договор.