Османи- пристапот на бугарската влада е конструктивен

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Пристапот на актуелната бугарска влада е конструктивен, посебно во создавање на довербата и во реториката и во чекорите. Сакам да ја охрабрам таа конструктивнoст и да одговорам на таа конструктивност со наша конструктивност и се надевам дека во наредните денови и недели ќе правиме чекори кон враќање на довербата, изјави денеска министерот за надворешни Бујар Османи, по настанот организиран во пресрет на Преспа Форум Дијалогот планиран за јули.

„Формално – правно нема никаква пречка Република Бугарија да дозволи организирање на меѓувладина конференција врз основа на веќе донесена политичка одлука од март. Не сакам да ги кренам очекувањата на граѓаните бидејќи во неколку наврати бевме сведоци дека овој процес се покажа како мошне комплексен. Меѓутоа, сè уште сме таму. Јуни е најдобриот прозорец на можности можеби во наредните две години и дека целата енергија и сите карти ги ставаме на јуни како можност за надминување на оваа блокада која е наметната“, изјави Османи одговарајќи на новинарско прашање, до каде е процесот на разговори со Бугарија.

Шефот на дипломатијата потенцира дека се работи со бугарската страна на градење доверба, но оти паралелно се разговара и за предлогот на Португалското претседателство на ЕУ.

Минатата недела еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантош Силва донесоа предлог решение за спорот меѓу Скопје и Софија со кое би требало Бугарија да ги деблокира македонските европски интеграции. Во Скопје предлогот беше оценет како добра основа, а официјална Софија остана воздржана за конкретна оценка, но формираше работни тимови, а тамошниот министер за надворешни работи Светлан Стоев рече дека решавањето на проблемот со Македонија е еден од двата приоритети на оваа службена влада која има мандат до 11 јули, кога во Бугарија треба да се одржат предвремените парламентарни избори.