Извозот постепено ќе закрепнува

Гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска - Бежовска

Годинава се очекува постепено закрепнување на странската побарувачка и раст на извозот од околу 15,2 отсто, што е важно за закрепнувањето на економијата по шокот што ѝ го зададе пандемијата, рече гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска. Извозот минатата година, при намалување на извозната побарувачка за стоки и услуги од земјава, забележа пад од 10,1 отсто.

„За нас, како мала економија, од клучно значење е закрепнувањето на глобалната економија, односно на нашите најзначајни трговски партнери. ММФ предвидува раст на европската економија од 4,4 отсто, а 3,6 отсто за германската економија на која отпаѓаат над 50 отсто од нашиот извоз. Особено е значајно што се очекува солиден раст на германската индустрија поради вклученоста на домашните производствени капацитети во германските синџири на производство на автомобили“, истакна гувернерката.

Ангеловска-Бежоска учествуваше на вебинарот посветен на улогата на монетарната политика во периодот на корона-кризата и на макроекономските проекции за 2021 година, организиран од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип (УГД).

Проекциите сепак ги зависеле од времетраењето на пандемијата, спроведувањето на процесот на вакцинација, продолжувањето на мерките за поддршка на економиите, како и брзината на враќање на довербата и стабилизирањето на очекувањата кај потрошувачите и инвеститорите.

Гувернерката рече дека се очекува 2021 ќе биде година на постепено закрепнување на домашната економија, при што економскиот раст ќе биде поддржан и од банкарскиот систем. Економскиот раст нема да предизвика поголеми притисоци врз инфлацијата, којашто главно би се задржала на умерено ниво, посочи гувернерката.