На претседателските избори во Сирија, Асад освоил 95 проценти од гласовите

Приврзаници на Асад ја слават неговата победа на изборите

Сирискиот диктатор Башар ал Асад освои четврти седумгодишен мандат како претседател на од војна разурнатата земја, со 95 насто гласови, според резултатите од изборите објавени вчера.

Изборите, втори од почетокот на конфликтот во земјата пред 10 години, беа отфрлени како лажни од опозицијата и западните земји. Асад се натпреваруваше со две малку познати фигури за највисоката функција во Сирија, која ја извршува член на семејството Асад веќе пет децении.

Владата соопшти дека повеќе од 12.000 центри за гласање биле формирани низ целата земја за изборите одржани на 26 мај.

Сиријците што живеат во странство можеа да гласаат минатата недела во десетици амбасади во странство, иако за да ги исполнуваат условите, од нив се бараше да презентираат важечки пасош со излезен печат од земјата. Ова барање во пракса значеше дека милиони Сиријци кои ја напуштија земјата како бегалци не беа во можност да гласаат, дури и ако тоа го сакаат.