Карантин само за патници од Индија, ослободување од патарина на српските туристи

Граничниот премин Табановце.

Владата донесе одлука со која се укинува задолжителниот карантин за луѓето кои доаѓаат од Африка и Бразил. Карантинот ќе важи само за оние кои доаѓаат од Индија.

Создадени се услови за ослободување од плаќање патарина во земјава на српските државјани за време на летната сезона.

Мерката ќе важи за патнички моторни возила на туристи од Србија кои би транзитирале на Коридор 10 за време на летната сезона во периодот од 15.06.2021 до 15.08.2021. Министерството за финансии треба да префрли речиси три милиони евра за набавка на 200 илјади М- Смарт Кард на сметката на Владата, а ЈП за државни патишта да изврши сукцесивна испорака на предвидените количини на М- Смарт Кард. Доколку останат неискористени пари треба да се вратат на сметка на Буџетот на државата. Распределбата ќе ја врши Министерството за внатрешни работи.


Во соопштението се посочува и дека на седницата, министерот за здравство Венко Филипче информирал дека во однос на епидемијата од КОВИД-19, бројот на дијагностицирани и хоспитализирани лица е намален и следствено на тоа се затворени дел од Ковид-центрите.

„Филипче во однос на постапката за масовна вакцинација на населението, информираше дека процесот на набавка на вакцини и вакцинација на населението се одвива добро, најавувајќи отворање на два дополнителни пункта за имунизација во Велес и Прилеп“, се додава во соопштението.