Ердоган – Исламофобијата на Западот се шири како рак

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, денеска во Анкара изјави дека светот треба да сфати дека не исламот, туку исламофобијата претставува глобална закана и оти токму исламофобијата ги предизвикала масакрите во Босна, во Аракан, како и трагедиите што уште траат во Палестина и Туркистан, јави агенцијата Анадолија.

Ердоган зборуваше на Меѓународниот симпозиум „Медиуми и исламофобија“, што денеска и утре се одржува во Анкара.

Зборувајќи за исламофобијата, Ердоган изјави дека тоа е болест што во многу делови на светот, посебно на Западот, се шири брзо како рак.

Ердоган рече дека Западот секогаш ја чувал и зачувал својата ароганција и омраза кон источните општества, особено кон Турците, под терминот „ориентализам“.


Тој понатаму наведе дека широките движења на политичките и културните промени, преземени на подрачјата што некогаш беа во состав на Османлиското Царство, не се ништо друго туку напори на Западот да ги реконструира разликите во овие региони, ставајќи ги во сопствен формат.

Турскиот претседател вели дека стратегијата на „демонизирање на муслиманите“, што ја започнала американската администрација по нападите на 11 септември, го подигнала вирусот на исламофобијата што веќе бил присутен во културната структура на многу општества.