ЕУ воведува нови санкции против Белорусија

Дел од учесниците на самитот на Европскиот совет во Брисел

Европската Унија синоќа одлучи да го затвори својот воздушен простор за авиони од Белорусија и да го санкционира режимот на Александар Лукашенко затоа што со сила пренасочи ирски патнички авион за да уапси опозиционер кој беше меѓу патниците.

Претставник на Европскиот совет соопшти дека на самитот во Брисел 27-те држави-членки побараа од своите авио-компании да избегнат прелетувања над Белорусија, како и итно пуштање на слобода на белорускиот опозициски новинар Роман Протасевич и неговата девојка.

Европскиот совет најостро го осудува присилното спуштање на авионот со што ја загрози безбедноста на воздушниот сообраќај, се вели во документот усвоен на самитот.

Од Меѓународната организација за цивилен воздушен сообраќај е побарано да го истражи „неприфатливиот инцидент без преседан“.

Европскиот совет повикува на брзо проширување на листата на претставници од Белорусија кои се на мета на санкциите на ЕУ, како и усвојување на други економски санкции.