Достапни линкови

ЕУ со санкции против Белорусија за „киднапирањето“ на авионот на Рајан-ер


Роман Протасевич, Рајанер

„Државно спознорирано киднапирање на комерцијален лет“. Вака го оценуваат европските лидери инцидентот со принудното слетување во Минск, на авионот од Атина до Вилнус. Најавени се санкции против Белорусија.

Лидерите на ЕУ повикаа на брзи санкции, откако авторитарниот владетел на Белорусија, Александар Лукашенко, принуди авион на Рајанер да слета во Минск, каде што беше приведен познат опозициски новинар, што беше осудено како киднапирање на комерцијален лет, спонзорирано од државата.

Во пресрет на однапред планираниот самит на лидерите на ЕУ, денеска во Брисел, шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лејен повика на заострување на постојните санкции на Унијата против Белорусија воведени поради репресијата од страна на режимот на Александар Лукашенко.

Урсула Фон Дер Лејен
Урсула Фон Дер Лејен


„Безобразното и незаконско однесување на режимот во Белорусија ќе има последици. Одговорните за киднапирањето на Рајанер мора да бидат санкционирани“, напиша фон дер Лејен на Твитер.

Роман Протасевич, опозициски активист и новинар, кој се соочува со обвиненија во Белорусија, кои може да му донесат 15 години затвор, беше во авионот на Рајанер од Атина, Грција, до главниот град на Литванија, Вилнус, кога го смени курсот меѓу двете членки на ЕУ за да се упати кон Минск. Белоруската државна новинска агенција БелТА објави дека Лукашенко лично наредил борбен авион МиГ-29 да го придружува авионот на Рајанер за да слета во Минск, наводно поради закана од бомба. Официјалните лица подоцна соопштија дека не бил пронајден експлозив во авионот.

Набргу откако авионот на Рајанер слета во главниот град на Белорусија, полицијата ги однесе Протасевич и неговата девојка. Рајанер соопшти дека летот пристигнал безбедно во Вилнус синоќа по неколкучасовно доцнење.

Претседателот на Литванија оцени дека станува збор за индидент без преседан и оти Европската Унија ќе расправа за индцидентот како за акт на државен тероризам и оти тоа ќе има сериозни последици.

Дипломат на ЕУ, за Радио Слободна Европа изјави дека е можна забрана за прелет над Белорусија на сите авиони од членките на ЕУ, забрана за слетување на сите авиони на белоруската државна авио компанија на европските аеродроми, како и забрана за транзит преку Белорусија кон ЕУ.

Вилнус, 23.05.2021
Вилнус, 23.05.2021

Се оценува дека сега белорускиот воздушен простор е небезбеден за било кој комерцијален лет.

Владата на Ирска, каде што е седиштето на Рајанер, го оцени инцидентот како апсолутно неприфатлив, а НАТО побара меѓународна истрага за овој „опасен и сериозен инцидент“.

Постапката на режимот во Белорусија ја осудија и другите европски лидери.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека САД бараат меѓународна истрага и оти ќе го координираат одговорот заедно со ЕУ, Грција и Литванија. Исто така, САД бараат итно ослободување на новинарот Роман Протасевич.

Belarusian Journalist Seized After Ryanair Jet 'Forcibly' Diverted To Minsk
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:48 0:00

Протасевич беше администратор на Телеграм каналот NEXTA live, каде што беа пренесувани протестите против реизборот на Лукашенко за претседател на Белорусија. Белоруските власти во ноември покренаа обвинение против администраторите на каналот, обвинувајќи ги за организирање и поттикнување нереди во земјата.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG