Владините канцеларии во Газа денеска треба да продолжат со работа, бидејќи се одржува прекинот на огнот меѓу Израел и милитантната група Хамас во крајбрежната област, изјави локален палестински портпарол.
Владините активности во осиромашениот појас престанаа, откако започнаа израелските воздушни напади на 10 мај по ракетите истрелани кон Ерусалим од страна на припадниците на движењето Хамас коешто ја контролира зоната.
Израел соопшти дека неговите напади биле насочени кон воената инфраструктура на Хамас. Но, голема штета беше нанесена и врз станбени згради, здравствени установи и други јавни објекти во енклавата каде живеат околу 2 милиони луѓе.
Примирјето меѓу палестинските милитанти и Израел се чини дека се одржува, откако пристигнаа првите колони со хуманитарна помош во Појасот Газа. Прекинот на огнот, кој започна на почетокот на 21 мај, дојде во момент кога египетските посредници се обидоа да го зацврстат на подолг рок.