Опаѓа бројот на хоспитализирани во ковид центрите

Илустрација - Детската болница „Козле“ во Скопје, Ковид-19 центар

Осум нови пациенти се хоспитализирани во ковид – центрите во Скопје во изминатите 24 часа поради компликации од корона вирусот, со што вкупно 127 лица се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град, голем дел од нив се на кислородна поддршка, соопшти Министерството за здравство.

Во ковид – центрите во болниците во другите градови се лекуваат 202 пациенти, а вкупната бројка на хоспитализирани во земјава е 329 пациенти.

Поради намалениот број на заболени болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти. Според податоците на здравствените власти, во изминатото деноноќие во Скопје се пуштени 11 оздравени пациенти.

Од Министерството за здравство наведуваат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места на кои има довод на кислород.

Инаку, периодов се намалува и бројот на инфекции од корона вирусот, откако во текот на март и април земјава беше зафатена од силен бран.

Вчера беа регистрирани 51 позитивен на Ковид-19 од 4.060 тестирања, но беа пријавени 16 починати лица. Во моментов активни се 2.932 случаи, според податоците на Министерството за здравство.

Денеска институцијата соопшти дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, односно дека се аплицирани вкупно 259.577 дози. Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација е 398.243.