Достапни линкови

Голем интересот за вакцинација во Битола


Над 1000 луѓе се вакцинираат дневно во Регионалниот вакцинален пункт во Битола. На закажаниот термин доаѓаат над 95 отсто од луѓето. Освен битолчани, во регионалниот пункт се вакцинираат и жителите на соседните општини Демир Хисар, Македонски Брод, Крушево и Ресен.

Во Регионалниот вакцинален пункт во Битола се случува на дневна основа да се вакцинираат околу 95 проценти од закажаните лица кои добиле термин за вакцинација. Тоа покажува дека интересот да се прими кинеската вакцина „Синофарм“ против зараза со ковид-19 е многу голем. На овој пункт не се вакцинираат само битолчани, туку и жители од околните општини како Демир Хисар, Македонски Брод, Крушево и Ресен. Дневно има и по 1400 термини, а откако се намали старосната граница на вакцинација доаѓаат и над 1300 лица во еден ден.

Се вакцинираат од шеесетина години па нагоре со надеж дека и останатиот дел од животот ќе го поминат здрави и како што велат „на нога“.

„Готово вакциниран сум. Потребно е да се вакцинираме за заштита на населението, да можеме слободно да патуваме. Со ова ќе ја победиме пандемијата, 35 години бев доктор во Болницата и сега сум пензионер, но одлучив да се вакцинирам, сакам и остатокот од животот да го поминам на нога. Треба секој да се вакцинира. Она што нуди здравството треба да се претпочита и применува. Секогаш знаев да се пазам, не влегувам во метеж.“

„За имунитет да се вакцинираме, да не се заразуваме едни со други, да не фатиме корона. Не шетам, седам дома, ако излегувам носам маска, се штитам“, велат анкетираните битолчани.

И координаторката на вакциналниот пункт од Битола Марија Димовска потврдува дека од ден на ден интересот сè повеќе се зголемува. Веќе се вакцинирани неколку илјади битолчани, а интересот сè повеќе расте.

„Вакцинацијата се одвива со добар тек, ме изненадува тоа што одѕивот е добар. Секој ден добиваме нови насоки од Министерство и секој ден се намалува возрасната граница. Повозрасните граѓани не се изземени, туку и тие напоредно се закажуваат“, вели Димовска.

Масовната вакцинација се врши во спортската сала на Медицинското училиште, а може да се закаже и теренско вакцинирање за наподвижни лица.

„Вакцини има и ќе има и во иднина. Но, апелираме населението масовно да се пријавува на страницата вакцинација.мк и да ја очекува повратната порака со закажан термин каде основен параметар е старосната граница. Само за постарите лица пријавувањето е преку матичните доктори и старосната граница ќе слегува надолу, а така и масовноста е поголема. Исто така, организирана е и вакцинација во домови за стари лица, а се врши и теренска вакцинација за неподвижните лица по пријава на член од семејството, по претходно закажан термин на вакцинација.мк и медицинска документација“, рече Весна Спиркоска, директорка на Здравствениот дом.

Во Битола, којa до пред еден месец беше второ жариште во државата по број на заразени со ковид-19, по Скопје, сега просекот падна на еден хоспитализиран пациент во 24 часа или вкупно хоспитализирани под 40, а ги имаше околу 150 во Ковид центарот што е три пати помалку.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG