Вакцинирани над 216 илјади граѓани

Ахива - Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021

Министерството за здравство денеска соопшти дека досега во земјава се аплицирани над 255 илјади дози вакцини, а ревакцинирани се скоро 39 илјади граѓани. Со тоа вкупната бројка на вакцинирани граѓани е 216.453.

Вакцинацијата во земјава започна пред околу три месеци. Досега пристигнаа најмногу вакцини од кинеската компанија Синофарм, но вакцинацијата се одвива и со руските вакцини Спутник В, британските Астра Зенека и американските Фајзер и Бионтек.

Во текот на вчерашниот ден на вакциналните пунктови низ земјава се вакцинирале над 10 илјади граѓани, повеќето со прва доза.

Податоците на Министерството за здравство покажуваат дека 45,7 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина. Исто така со една доза е вакцинирано 38.8 проценти од населението над 65 години.

„Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација е 395.776 граѓани“, наведуваат од Министерството за здравство од каде апелират граѓаните масовно да се пријавуваат на интернет страницата vakcinacija.mk.

Инаку, периодов во земјава се намалува и бројот на новозаболени и хоспитализирани од Ковид-19.