Осомничените во случајот „Марадона“ ќе бидат кривично гонети

Диего Марадона

Седум лица сослушани во рамките на истрагата на смртта на легендарниот фудбалер Диего Марадона, кои до сега беа осомничени за убиство од небрежност, ќе бидат кривично гонети за убиство од небрежност со отежнувачки околности, соопштија извори блиски на аргентинските судски органи. Тие додаваат дека на 7-те лица им се заканува казна затвор од 8 до 25 години.

Обвинителството во Буенос Аирес смета дека смртта на Марадона е „резултат на професионална грешка и немарност на медицинскиот тим, а тоа придонесло за влошување на неговата здравствена состојба и подоцна за смрт“.

Истражен судија ќе ги сослуша осомничените и потоа ќе одлучи за натамошниот тек на кривичното гонење.

Марадона почина во ноември минатата година од срцев удар во 60-та година во својата куќа, додека заздравуваше од операција на мозокот.