Алијанса на Албанците и Алтернатива со реакција за назначувањето на Божиновска

Валентина Божиновска

Алијанса на Албанците и Алтернатива денеска реагираа дека изборот на Валентина Божиновска во Стратешкиот совет за надворешна политика е потврда за тоа што како коалиција цело време алармирале.

„Со соработниците на Никола Груевски, како Божиновска, која е позната со своите антиалбански и антизападни ставови, Османи и оваа Влада ја формализираа својата стратегија кон Русија и кон изолација на земјата.Од еден министер кој ќе биде советуван од организаторот на „ноќта на ножевите“, веќе е јасно дека не може да се очекува светла иднина. Османи и ДУИ докажаа дека не можат да се одделат од груевизмот, но сега целата влада ни покажа дека тие станаа „заедно кон Русија, изолација и криминал. Нема веќе место за бајки со бугарско вето, туку Владата на СДСМ-ДУИ става вето на европската иднина на земјата, на граѓаните воопшто и на Албанците особено“, се наведува во реакцијата.

Во Министерството за надворешни работи денеска се одржи инаугуратувниот состанок на Стратешкиот совет за надворешна политика. Според шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, министерството започнало нов процес за создавање нова десетгодишна надворешна политичка стратегија која почива на три столба.

Божиновска е поранешната пратеничка на ВМРО-НП и функцонерка на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу останатите членови се Срѓан Керим, кој беше претседател на Генералното собрание на ОН, професорот Марјан Ѓуровски, поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин, екс министерот за надворешни работи, Денко Малевски, Марко Трошановски од Институтот за демократија, поранешната пратеничка Ивана Туфегџиќ, поранешниот пратеник Гордан Горгиев, Лазар Еленовски, директорот на Алкалоид, Живко Мукаетов, Виктор Габер, Ајдован Адемовски.