Филипче: Од следната недела ќе имаме дигитална ковид пропусница

Министерот Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека од почетокот следната недела ќе биде спремен македонскиот „грин пас“, односно дигитална ковид-прописница. Станува збор за пас кој електронски преку QR (Кјуар) код и апликација која ќе може да се симне на секој мобилен телефон ќе содржи простор за три податоци – податок за вакцина, односно ревакцина и типот на вакцината, ПЦР тестирањето кое секогаш ќе може да се надгради со секое следно ПЦР тестирање, и податок за соодветна количина на детектирани антитела како доказ за прележана болест, рече Филипче денеска по примопредавањето на германската донација од 72.000 брзи антигенски ковид тестови.

Министерот вели дека се уште не се знае политиката на земјите-членки на ЕУ за патувањата во услови на ковид-криза. Граѓаните ќе можат преку матичните лекари кјуар кодот да го данлодираат во својата апликација. За македонските граѓани кои се вакцинирале во некоја од соседните земји рече дека ќе треба да извадат потврда за вакцинираност таму, бидејќи, како што кажа, во документот мора да се внесе серијата на вакцината со која се вакцинирани.

Министерството за здравство денеска прими германска донација од 72.000 брзи антигенски ковид тестови во вредност од 298 илјади евра, наменети за јавните здравствени установи и ковид центри во земјава. Донацијата ја предаде германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн.