Се вакцинираа Димитров, Маричиќ и Битиќи: Не сме привилигирани

Вицепремиерите Никола Димитров и Фатмир Битиќи и министерот за правда Бојан Маричиќ на вакцинација против ковид-19

Вицепремиерите Никола Димитров и Фатмир Битиќи и министерот за правда Бојан Маричиќ, денеска се вакцинираа на пунктот во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Министерот за правда, Маричиќ рече дека тие немале привилегија што денеска се вакцинираат со Фајзер бидејќи минатата недела другите членови на Владата се вакцинирале Синофарм.

Димитров по вакцинирањето истакна дека е важно што е можно побрзо и што е можно повеќе македонски граѓани да се вакцинираат, со цел враќање на животот во нормала.

„Само што се вакцинирав и некако го доживеав и како свечен чин, бидејќи долго време зборуваме за ова и долго време трае оваа мака, и е многу важно за себе си, за моите блиски, за мојата фамилија, за моите соработници, за сите граѓани со кои доаѓам секојдневно во контакт, да бидеме заштитени. Пандемијата трае повеќе од една година, за жал изгубивме многу животи, изгубивме дел од слободата“, рече Димитров.

Видете и ова: Пристигна нова пратка ковид вакцини од Фајзер


Маричиќ и порача тоа да го направат сите граѓани што поскоро.

–„Ме радува и оптимистички е тоа што имаме зголемување на интересот за вакцина во последните недели и големиот број на пријавени за вакцинација што дава надеж дека до крајот на летото ќе има висок степен на вакцинација што би требало да означи победа над пандемијата и завршување на овој тежок период“, истакна министерот Маричиќ.