Нов итен состанок на Советот за безбедност на ОН за Блискиот Исток

Седница на Советот за безбедност на ОН

Советот за безбедност на ОН денеска ќе одржи уште еден итен состанок зад затворена врата за ситуацијата на Блискиот Исток, соопштија норвешки дипломатски извори.

„Невини цивили и натаму гинат. Повторуваме дека е потребен прекин на огнот. Прекинете ги непријателствата веднаш“, се вели во пораката од Норвешка, која заедно со Тунис и Кина последниве неколку дена повикува да се одржат состаноци на Советот.

Засега во тоа тело на ОН не е постигната согласност за заедничка декларација поради одбивањето на САД.

Според дипломатски извори, Вашингтон вчера третпат за една недела се спротивставил на усвојување декларација на Советот за безбедност за израелско-палестинскиот судир, во која се бара прекин на насилствата и заштита на цивилите, особено на децата.