Израел ги продолжува воздушните напади врз Газа

Израелски авиони денеска почнаа серија силни воздушни напади врз неколку локации во градот Газа и покрај повиците за прекинување на насилствата, по најсмртоносниот ден од избувнувањето на борбите пред една недела. Десетици воздушни напади го потресоа градот во раните утрински часови, се вели во медиумските извештаи. Израелските одбранбени сили соопштија само дека „борбените авиони напаѓаат терористички цели во појасот Газа“.

Денешните доаѓаат по бранот воздушни напади вчера, за кои Израел соопшти дека погодил повеќе од 90 цели низ Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека нападите ќе продолжат со „целосна сила“ и дека „ќе потраат“.

„Израел сака да наплати голема цена на милитантната група Хамас“, рече Нетанјаху во телевизиско обраќање.

Бројот на загинати достигна 197 Палестинци во Газа и 10 лица во Израел.

Претседателот на САД, Џо Бајден, рече дека неговата администрација работи со Палестинците и Израелците за да се постигне одржливо примирје, а државниот секретар Ентони Блинкен телефонски разговарал за насилството со министрите за надворешни работи на Катар, Египет и Саудиска Арабија.