Тесла веќе не прима биткоини за плаќање, валутата падна за 10 отсто

Илустрација

Елон Маск соопшти дека неговата автомобилска компанија веќе нема да прима биткоини како средство за плаќање поради загриженост за влијанието врз животната средина при „ископувањето“ на дигиталната валута.

Маск денеска на Твитер напиша дека криптовалутата е добра идеја „на многу нивоа“, но оти може многу да ја чини животната средина.

„Ние сме загрижени поради рапидното зголемување на употребата на фосилни горива за ископување на биткоини и трансакции, особено јаглен, кој има најлоши емисии од кое било гориво“, напиша тој.

За „ископување“ биткоини е потребна голема компјутерска моќ и се троши многу струја.

Властите во некои земји рекоа дека прекинот на снабдување со струја и загадувањето на воздухот се поврзани со „ископување“ биткоини.
Маск ја популаризираше идејата за електрични возила кои треба да ја намалат емисијата на штетни гасови.

Во март, Тесла почна официјално да прима биткоини како платежно средство, со што ја зајакна оваа криптовалута. Компанијата во февруари инвестираше 1,5 милијарди долари во биткоини.

Маск сега вели дека сите планови околу валутата ќе бидат ставени во мирување – засега ниту ќе ги продава, ниту ќе ги користи за купување.
По оваа објава, биткоинот падна за 10 проценти на 50.900 долари.