Десетици загинати во ескалација на судирите меѓу Израел и Хамас

Светлосните ленти се гледаат откако израелскиот антиракетен систем „Iron Dome“ пресретна ракети лансирани од Појасот Газа кон Израел, како што се гледа од Ашкелон, Израел. 11 мај 2021 година.

Израел и палестинските милитанти во Газа на 11 мај разменија силен оган во драматична ескалација на судирите предизвикана од повеќедневните немири во Ерусалим. Поради ситуацијата, генералниот секретар на Обединетите нации ги повика двете страни да ја „запрат ескалацијата“, додека Меѓународниот црвен крст издаде „итен повик за воздржаност и деескалација.“

Здравствените власти во Појасот Газа којшто е контролиран од Хамас соопштија дека биле убиени 28 Палестинци, од кои 10 деца. Жртвите настрадале најмногу од воздушните напади, додека од вчеравечер над 120 лица се ранети исто така најмногу од израелските воздушни напади.

Израелската војска соопшти дека најмалку 16 од загинатите биле милитанти. Станбен блок од 13 ката во Газа се сруши по еден од неколкуте десетици израелски воздушни напади, иако тоа се случи по израелско предупредување.

Во меѓувреме, милитантите од Газа испукаа стотици ракети кон Израел, убивајќи тројца израелски цивили и ранувајќи најмалку 10 други. Израелците пријавија експлозии и сирени на над 70 километри од брегот од Газа.

Поради нападите аеродромот Бен Гурион во близина на Тел Авив беше затворен за слетувања и поаѓања, а летовите беа пренасочени кон Кипар. Милитантната група Хамас соопшти дека дејствувала во одбрана на џамијата ал-Акса во Ерусалим од израелската „агресија“, откако во изминатите неколку дена на местото беа забележани судири меѓу израелската полиција и Палестинците, во кои беа повредени стотици луѓе.

Западниот брег е исто така сцена на насилство. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека Хамас „ја преминал црвената линија“ со истрелување ракети кон Ерусалим и дека неговата земја ќе одговори „со голема сила“.