Метнар: Чешка ја поддржува С.Македонија, не ги споделува идеите за позицијата на Бугарија

Чешкиот министер за одбрана, Лубомир Метнар

Чешкиот министер за одбрана, Лубомир Метнар на заедничка прес-конференција во Скопје со неговата колешка Радмила Шекеринска денеска изјави дека неговата земја ја поддржува евроинтеграцијата на Северна Македонија и би сакале процесот да се одвива со побрзо темпо.

„Со оглед на историските последици понудив помош во комуникација и доколку има интерес би можеле да и помогнеме на Северна Македонија со наши искуства. Што се однесува на историските аспекти, Чешка исто така имаше проблеми со тоа. Ние ја поддржуваме Северна Македонија, не ги споделуваме идеите за историската позиција на Бугарија. Посакувам што е можно побрз влез на Северна Македонија во ЕУ. Затоа што членството во евроатлантските структури ќе обезбеди поширока безбедност на целиот регион“, рече Метнар на новинарско прашање за можното одвојување на Северна Македонија и Албанија во процесот на ЕУ интеграцијата.

Шекеринска пак истакна дека отсуството на политичка влада со целосен капацитет во Бугарија е фактор, кој ќе влијае на процесите. Но, според неа, тоа не треба да влијае на нашиот ангажман за постигнување на целта.

„Ниту Европа, нуту регионот, ниту ние не можеме да чекаме сите избори да поминат. Ние мора да ја работиме нашата задача. Посетата на премиерот и владиниот тим, сите средби кои што ги правиме е да покажеме уште еднаш и да акцентираме дека тоа што требаше да се сработи од наша страна е сработено, дека покажавме огромен капацитет да дискутираме со нашите соседи и да наоѓаме решенија кои се посакувани од двете страни и се можни. Никој не може да се сомнева во нашата намера да создаваме добри меѓусоседски односи и ние тие аргументи ќе ги повторуваме секој ден и во секоја прилика. И се надеваме дека и Бугарија ќе биде подготвена час поскоро да се најде решение и да тргнеме напред“, рече Шекеринска.

Чешка и Словачка, кон крајот на минатата година ги блокираа заклучоците на Советот на ЕУ во однос на проширувањето на Западен Балкан, поради несогласувањето со текстот во нацртот кој се однесуваше на Северна Македонија со референцата за „погрешно толкување на историјата“ и долгата форма на името на земјава, што беше побарано од Бугарија.