Протести во светот против турското повлекување од Конвенцијата за спречување насилство врз жените

Активистите држат плакати за време на протестот против повлекувањето на Турција од Истанбулската конвенција, меѓународен договор дизајниран за заштита на жените, Истанбул, Турција на 20 март 2021 година.

За денеска се најавени протести низ целиот свет за да се изрази спротивставување на одлуката на Турција да се повлече од Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството врз жените. Акциите ги организираат групите за човекови права и главно ќе се одвиваат преку интернет и тоа на 10-годишнината од Истанбулската конвенција, се вели во соопштението на Амнести Интернешнл. „Точно десет години откако беше потпишан, жените зборуваат денес со еден глас и бараат турските власти да ја сменат одлуката со која ќе бидат загрозени безбедноста, па дури и животот на милиони жени и девојчиња“, наведува во соопштението генералниот секретар на Амнести Интернешнал Агнес Каламард.

ЕУ со критики до Турција за повлекувањето од Истанбулската конвенција

Таа рече дека до ова доаѓа по указот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 20 март со кој се поништува ратификувањето на Турција од Истанбулската конвенција. Формално позната како Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, таа наведува дека мажите и жените имаат еднакви права и ги обврзува државните органи да преземат чекори за спречување на родово насилство врз жените, заштита на жртвите и гонење на сторителите.