Хамас испука ракети кон Ерусалим

Една од испуканите ракети на Хамас кон Ерусалим

Палестинската организација Хамас соопшти дека испукала ракети кон Израел поради што се активирани сирените за тревога во Ерусалим и во близина на границата со Газа како одговор на повредените над 300 Палестинци при судирите со израелската полиција.

Претходно исламистичката група Хамас која ја има контролата врз појасот Газа, објави ултиматум кој бил доставен до Израел. Во него било наведено дека до попладне е крајниот рок во кој треба да се повлечат израелските полициски сили кои се стационирани во комплексот на џамијата Ал-Акса, третото најсвето место во исламот.

Неколку минути по истекот на рокот во Ерусалим засвиреле сирените за тревога и се слушнале неколку експлозии. Хамас презеде одговорност за нападот. Засега нема информација за евентуални жртви или предизвикана штета.

Судири меѓу Палестинците и израелските полицајци во Ерусалим

Судирите избувнаа во време на зголемени тензии во Источен Ерусалим и на Западниот брег, палестински територии окупирани во шестдневната војна во 1967 година. Во тој дел од Ерусалим кој подоцна го анектираше Израел веќе една недела траат демонстрациите и судирите со припадниците на израелските сили.