Предложено олабавување на мерките од 12 мај

Граѓани со заштитни маски за лице во Скопје

Комисијата за заразни болести на денешниот состанок донела нови мерки кои министерот за здравство Венко Филипче ги предложил на Главниот координативен кризен штаб кој, пак, ги прифатил. Филипче на социјалната мрежа Фејсбук информираше дека мерките се донесени врз основа на стабилизацијата на епидемиолошката состојба во државата.

Комисијата предлага да се скрати полицискиот час и да трае од 24 часот до 05 часот наутро, угостителските објекти да работат до 23:30 часот, да се укине забраната за работа на фитнес центрите и теретаните, да се дозволи организирање на настани на отворено и затворено со почитување на протоколите од 2020 година, да се зголеми капацитетот на градинките за плус пет деца во група, а здравствените работници да можат да ги искористат старите и новите годишни одмори. Новите мерки би важеле од 12 до 18 мај.

Засилените мерки за спречување на ширењето на коронавирусот беа донесени минатиот месец поради големиот број заразени. Последнава недела бројот на новоинфицирани почна да опаѓа, а минатата недела од петти мај се намали претходното времетраење на полицискиот час и забраната за движење почнува од 23 часот.