Османи: Погрешна е дебатата за раздвојување на Албанија и Македонија во евроинтеграциите

Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави оти не мисли дека Северна Македонија и Албанија ќе бидат раздвоени на патот кон ЕУ уште еден период, оти тоа е погрешна дебата, како и дека не треба да се откажеме од можноста да се одржи меѓувладината конференција во јуни и да почнеме со разговори и со евентуална техничка влада во Бугарија за да се изнајде техничко решение, за што веќе има политичка одлука.

„Мислам дека во овој период нема да имаме одвојување, според тоа што јас го знам и го следам. Но тоа не значи дека нашата европска перспектива треба да ја засновуваме на внатрешната динамика и перспектива на Албанија. Ние си имаме наш план и стратегија пред нас и таа треба да ја реализираме“, изјави Османи по настанот организиран во пресрет на Денот на Европа.

Холштајн: Незамисливо е да се даде зелено светло за Албанија, а не и за С. Македонија

Писонеро: И Северна Македонија и Албанија се подготвени за преговори, но одлуката ја носи Советот

Дали ние долго ќе останеме во тој процес, доколку двете држави бидат одвоени, шефот на дипломатијата вели дека ќе зависи од тоа дали сите земји – членки ќе дадат поддршка на почетокот на преговорите и дали Бугарија ќе го тргне ветото.

„Ние го поставуваме прашањето дали ние треба да ги почнеме преговорите сметајќи дека сме ги исполниле сите критериуми дури и сме ги надминале, во поглед на политичките, во поглед на економските и во поглед на транспонирањето на евроското законодавство. Ние ќе продолжиме да работиме за започнување преговори, да ја искористиме шансата во јуни којашто се нуди пред нас. Мислам дека дебатата одвојување е погрешна, малите држави треба да се засновуваат на принципи и вредности, а не на тактики и на стратегии“, изјави Османи.

Во однос на прашањето со Бугарија, министерот за надворешни работи вели дека веднаш по формирањетоп на тамошната Влада ќе бара одржување на Меѓувладината комисија која што произлегува од Договорот за пријателство и добрососедство. Целта на таа Комисија, како што посочи, е да направи објективна проценка на степенот на негова имплементација.