Холштајн: Незамисливо е да се даде зелено светло за Албанија, а не и за С. Македонија

Германска амбасадорка Анке Холштајн

Германската амбасадорка во Скопје, Анке Холштајн изјави денеска дека за нејзината земја е незамисливо да се даде зелено светло за преговори со ЕУ само за Албанија, а не и за Северна Македонија.

„За решавачки насоки во процесот на проширување на ЕУ потребна е согласност од сите земји-членки. Исто како што преговарачката рамка може да биде само едногласно прифатена, датум за првата меѓувладина конференција ќе има само кога сите земји-членки ќе дадат согласност. За Германија не е замисливо само за Албанија да се даде зелено светло, а Северна Македонија да се остави. Северна Македонија веќе одамна ги исполни сите услови за започнување на пристапните преговори, нивниот почеток е заслужен и одамна задоцнет. Ова е исто така во интерес на веродостојноста на процесот на проширување и на веродостојноста на ЕУ во регионот“, изјави Холштајн за „Слободен печат“.

Претходно, и германскиот министер за Европа Михаел Рот порача дека Берлин се залага двете земји во јуни заедно да ги почнат пристапните преговори. Според него, земјата ја поддржува целта на португалското претседателство со ЕУ да се одржи првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија во јуни, бидејќи двете земји ги испорачале бараните реформи, а сега мора да испорача и ЕУ.