Протести во Грција поради реформа на законот за работни односи

Архивска фотографија - Илустрација - протест во Грција.

Грција денеска по втор пат во рок од една недела се соочува со нови штрајкови и протести во врска со контроверзната реформа на законот за работни односи.

Протестите се најавени во Атина и другите поголеми градови, а штрајкот ја запре работата на јавните служби, сообраќајот на траектите и превозот во Атина, освен автобусите. Неколку летови исто така беа откажани или одложени поради штрајкот на контролата за летање.

Според грчката Влада нацрт-законот воведува можност за флексибилно работно време, воспоставува правила за работа од далечина и вклучува гаранции за сексуално вознемирување на работното место, пишува агенцијата АФП.

Владиниот портпарол Аристотел Пелони вчера изјави дека реформата „ги усогласува законите со реалните потреби на вработените“.

Министерот за труд Костис Хацидакис рече дека новите регулативи им овозможуваат на вработените да преговараат со работодавачот за можноста за зголемување на работното време во еден дел од годината, како и за повеќе одмори.

Сепак, опозициските партии сметаат дека реформата е „болен чекор наназад“ во однос на работничките права, а критичарите велат дека со тоа се формализира искористување на прекувремената работа од страна на бескрупулозните газди, што е практика со години, потсетува АФП.