Радио Слободна Европа одбележува 70 години работа

Седиштето на Радио Слободна Европа во Прага

Радио Слободна Европа одбележува 70 години од почетокот со работа и објавувањето нецензурирани вести за луѓето на кои тоа право им е ускратено.

На 1 мај 1951 година беше емитувано првото обраќање за публиката зад „Железната завеса“ во комунистичка Чехословачка.

До крајот на 1954 година, Радио Слободна Европа и нејзиниот партнер на руски јазик Радио Слобода, емитуваа вести на 25 јазици во Источна Европа и во поранешниот Советски Сојуз.

Споеното Радио Слободна Европа/Радио Слобода од 1994 година се прошири и на Западниот Балкан, а во наредните 15 години и во Авганистан, Иран, Ирак и во племенските области во Пакистан каде што се зборува паштунски јазик, за да овозможи алтернатива на екстремистичката пропаганда и вестите контролирани од државата.

Во 2019 и 2020 години повторно беа отворени програмите за Бугарија, Романија и Унгарија, овој пат преку дигитални платформи, за да се справат со заканите од дезинформации и намалувањето на медиумскиот плурализам во новите европски демократии.

Во 1995 година, на покана на драматургот, поранешен дисидент и чешки претседател Вацлав Хавел, Радио Слободна Европа го пресели своето седиште во Прага од Минхен, каде што беше сместено од 1951 година. Хавел му ја понуди на Радио Слободна Европа зградата на поранешниот федерален парламент на Чехословачка, во строгиот центар на градот, за месечна кирија од 1 долар. Со тоа Хавел ја нагласи важноста на медиумот и обновената мисија за поддршка на демократијата во новонастанатите држави по распадот на Советскиот Сојуз.

Во последните години, драстично влошената состојба со човековите права во земји како Иран, Белорусија и Русија, како и експанзионистичките активности на режимот на рускиот претседател Владимир Путин на места како Грузија и Украина ја истакнаа континуираната потреба за медиум кој обезбедува нецензурирани, непристрасни и балансирани информации во регионот.