Алијанса за Албанците и Алтернатива- неприфатливо е претседателот да се меша во судството

Лидерите на Алтернатива и Алијанса за Албанците, Африм Гаши и Зијадин Села

Неприфатлива е тенденцијата на претседателот за директно вмешување во судството, толку повеќе што еден случај би требало да претставува предизвик за правниот систем во земјава и лекција за иднината. Неприфатливо е, претседател на една држава членка на НАТО, како пример да го зема југословенскиот правен систем, реагираат од Алијансата за Албанците и Алтернатива на изјавата на претседателот Стево Пендаровски поврзана со судскиот случај на насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година.

Од двете опозициски партии на Албанците наведуваат дека претседателот Пендаровски „не отворил уста ниту еднаш за монтираните случаеи кон Албанците“.

„Неприфатливо е кога Вие како претседател станувате дел од дебата за помилување на терористите од 27 април, преквалификација на делото или слични игри како тие што ги видовме кога се амнестираа еден дел од нив. Секаква преквалификација на делото на сторителите ќе биде сватено како преквалификација на нашата борба против тогашниот режим против кој се боревме сите. Последните изјави ги зацврстуваат сомневањата на јавноста дека некои во државната и владината хиерархија продолжуваат да соработуваат и да ја подаваат раката на тој режим, кои што половина и така се дел на сегашната Влада“, наведуваат од Алијансата за Албанците и Алтернатива.

Претседателот Пендаровски синоќа во интервју на телевизијата Канал 5 рече дека не мисли дека тие луѓе во затвор треба да се бранат оти ја нападнале демократијата, но дека со нови докази и нови сведоци може да се бара повторно отворање на целиот случај. Тој подоцна за МИА прецизираше дека не планира да даде помилување на осудените лица.

„Јас луѓето првично ги прашував околу мене за какво кривично дело се гонат, јас знам дека такво кривично дело мислам формулација таква немаше на времето ниту во бивша Југославија, ниту во 90-тите години. Тоа е подоцна прифатено. Бидејќи јас нешто знам околу тероризмот и околу безбедносните проблеми и дилеми, јас тврдам дека тие луѓе не беа терористи што влегоа“, изјави Пендаровски.

Од СДСМ денеска рекоа дека на 27 април се случило терористичко загрозување на уставниот поредок, а дека тоа е потврдено и со судски пресуди, а од ВМРО-ДПМНЕ прашаа зошто кога можело да се повтори судењето за Монструм, да не се повторело и судењето за 27-ми април.

Инаку за насилниот упад во Собранието пред четири години во кој беа повредени стотина пратеници, новинари, сниматели и други присутни во Собранието 16 луѓе се осудени на затворски казни од над десет години или вкупно 211 години затвор за кривичното дело „терористичко загрозување на државниот поредок”. Дванаесет обвинети меѓу кои и тогашните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов добија амнестија. Во тек е уште еден судски случај поврзан со 27 април, за неговите организатори. Во него се обвинети поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Владимир Атанасовски.