Европратеници жалат што некои партии во Србија не сакаат посредување на ЕП

Седница на српското Собрание

Европратениците и медијаторите во дијалогот меѓу власта и опозицијата за изборните услови во Србија, Владимир Билчик и Тања Фајон и поранешните членови на Европскиот парламент Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан изјавија дека примиле на знаење да претседателот на Народното собрание на Србија Ивица Дачиќ организира одделни консултации со политичките партии кои не сакаат посредување на европските институции во дијалогот, особено на Европскиот парламент, јави дописникот на МИА од Белград.

Тие наведуваат дека жалат за овој нивен став и посочуваат дека меѓупартискиот дијалог е доброволен процес заснован на посветеност, желба и способност на учесниците да постигнат консензус со цел да се подобри политичката клима пред претстојните избори.

„Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, однапред официјално не извести за планираните консултации. Во моментов е отворено како резултатите од овие консултации ќе влијаат на тековниот меѓупартиски дијалог. Меѓупартискиот дијалог во Србија е процес заеднички координиран од Народното собрание и Европскиот парламент. Од почетокот на втората фаза на овој процес, јасно е дека одредени политички партии во Србија, кои се противат на европскиот пат на Србија, не сакаат да учествуваат во разговорите со европските институции, особено со Европскиот парламент. Се разбира, жалиме за ваквиот став, но потенцираме дека меѓупартискиот дијалог е доброволен процес заснован на заложба, волја и способност на учесниците да постигнат консензус со цел да се подобри политичката клима пред претстојните избори“, соопштија европратениците.
Тие додаваат дека „добредојдени се сите конструктивни и реални сугестии, чија цел е подобрување на демократската култура меѓу политичките партии и подобрување на моменталната состојба во однос на европската определеност на Србија“.

На 28 април во Народното собрание се одржа состанок на претставници на власта и дел на опозициските партии, кои не го прифаќаат посредувањето на Европскиот парламент. Присутни беа 26 партии, меѓу кои претседателот на државата и лидер на СНС Александар Вучиќ, Социјалистичката партија на Србија (СПС), Српскиот патриотски сојуз (СПАС) и опозициските-Движењето за обнова на Кралството Србија (ПОКС), Српската радикална партија (СРС), Демократската партија на Србија (ДСС), движењето Доста беше, Двери, Заветници, Ненад Чанак и Чедомир Јовановиќ.