Стерјовски не стана пратеник во албанскиот парламент

Прослава на поддржувачите на Социјалистичката партија на Еди Рама по изборната победа

Лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, не успеа да обезбеди пратенички мандат на парламентарните избори, што се одржаа на 25 април во Албанија. Стерјовски, беше на 12-то место на кандидатската листа на Социјалистичката партија во изборната единица Корча.

„На крајот од процесот на пребројување на гласовите на кандидатите за пратеници, сакам да им се заблагодарам на сите граѓани од округот Корча кои ме поддржаа и гласаа за мене на овие парламентарни избори. Благодарност и до сите Македонци од Албанија кои живеат и работат во Македонија и Грција, кои изразија желба на 25 април да дојдат и да гласаат за мене. За жал, Техничкиот комитет на експерти, во врска со мерките за заштита на населението за време на пандемијата со корона вирусот, четири дена пред изборите, воведе двенеделен карантин за секој што доаѓа од Македонија и Грција. Поради тоа, Македонците од овие држави немаа можност да дојдат во Република Албанија и да гласат за мене“, изјави Стерјовски.

Според освоените гласови, тој е деветти по ред на листата, што значи дека не успеа да влезе во добитната листа, но е на листата на чекање. Доколку се ослободи место во текот на четиригодишниот мандат на новиот парламентарен состав, додава тој, повторно ќе влезам во парламентот, како и во актуелниот мандат кој трае до осми септември годинава. Социјалистичката партија на национално ниво е апсолутен победник со освоени 74 од 140 пратенички места.